Баерн Минхен направи уште еден огромен чекор кон нов трофеј од Бундеслигата, откако со 5:0 го декласираше Фортуна Диселдорф на „Алијанц арената“ во меч во кој уште еднаш својата класа ја покажа Роберт Левандовски.
Полјакот постигна два од петте гола, за прво да стигне до 44 голови во една сезона, рушејќи го личниот рекорд, а во исто време ја реши „енигмата“ на гостите од Диселдорф, кои беа единствен клуб од Бундеслигата кому тој не им постигнал гол.
Дека гостите нема што да бараат во Баварија стана јасно уште во првото полувреме. Во 15. минута Матијас Јоргенсен си постигна автогол, во 29. минута Бенжамин Павар зголеми на 2:0, за Левандовски да го постигне за него значајниот гол во 43. минута. Во второто полувреме, во 50-тата минута Лева го постигна вториот гол, пред Алфонсо Дејвис само две минути подоцна да зголеми на 5:0.
Со триумфот, Баерн се одвои на 10 поени пред Борусија Дортмунд на врвот на табелата, но „милионерите“ утре гостуваат на Падерборн.
Левандовски го скрши „малерот“, сега им дал голови на сите бундеслигаши (видео)