Најпопуларната спортска ТВ-коментаторка во Италија, Дилета Леота мораше да ги демантира вестите кои дел од италијанските таблоиди ги објавија на насловните страници дека е во „изненадувачка летна врска“ со ѕвездата на Милан, Златан Ибрахимовиќ.
Ибра и Дилета се сретнале за време на „локдаунот“ во Италија, каде што снимале заедничка реклама за „Buddyfit“, апликација за тренинзи и физичка подготвеност. Потоа, неодамна тие биле забележани заедно во ресторан во Сардинија, каде што Леота го прослави својот 29. роденден.
Магазинот „Ки“ на насловната напиша дека Златан и Дилета се „изненадувачката двојка ова лето“, по што портпаролот на Дилета мораше да излезе со соопштение во јавноста.
„Нема потреба за никаков коментар, бидејќи нема никаква врска меѓу двајцата, освен професионална соработка“, изјави нејзиниот портпарол.
38-годишниот Ибрахимовиќ е оженет со 49-годишната Хелена Сегер веќе 18 години и двојката има два сина, Максимилијан и Винсент.