Топспорт во Палермо,
Никола Ѓуровски
Европскиот првак Италија е првиот ривал на Македонија на патот кон Светското првенство во Катар. За оваа неверојатна шанса во Палермо, селекцијата на Благоја Милевски се избори преку мундијалските квалификации, но претстојат двата најважни чекори до пласманот на СП. Првиот е огромен – да се победат „аѕурите“ на гости.
Селекторот на Италија, Роберто Манчини, вели дека Македонија воопшто не е лесен ривал и неговата селекција ќе мора да даде максимум за да ги елиминира „црвено-жолтите“.
„Македонија има одличен тим, добро ги анализиравме и верувам дека ќе успееме да победиме. Ова е бараж натпревар, нема место за поправен испит, па затоа и нема посебни фаворити. Македонија успеа да ја победи Германија на гости со 1:2. Во секој случај, верувам во квалитетот на Италија и се уште тврдам дека не требаше да бидеме во баражот, туку директно да се пласираме на Светското првенство. Очекувам и поддршка од публиката во Палермо и наш сигурен триумф“, изјави Роберто Манчини на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот дуел.