Френки де Јонг е првиот играч на Барселона кому му е соопштено дека може да го напушти клубот, иако холандскиот репрезентативец е стандарден член на стартниот тим. Пред три години клубот од „Камп Ноу“ му плати на Ајакс 75 милиони евра отштета за Де Јонг, а сега е пред заминување.
Околностите во меѓувреме се сменија, на каталонскиот гигант му е поважно да ги земе парите, дури и по цена да останат без играч кој практично е незаменлив меѓу првите единаесетмина.
Сумата што Барсалона ја бара за Де Јонг сега е 70 милиони евра и на „Камп Ноу“ веруваат дека нема да биде проблем да се најде клуб што ќе ги плати.
Холанѓанецот за неколку дена ќе го прослави својот 25-ти роденден, а имаше и сериозен „инцидент“ откако манифестираше незадоволство откако тренерот Чави одлучи да го повлече од игра.