Пеп Гвардиола продолжува со својата „крстоносна војна“ против англиските ривали, откако го бранеше трошењето на Манчестер сити споредувајќи го со доминантната ера на Ливерпул во 1970-тите и 1980-тите и на Манчестер јунајтед под Сер Алекс Фергусон.
Откако пред неколку дена предизвика бура реакции со изјавата дека „цела Англија“ навива Ливерпул да ја освои титулата, сега, откако го обезбедија потписот на Ерлинг Халанд за следната сезона, удри по ривалите за обвинувањата дека трошат премногу поради своите богати арапски газди.
„Слушајте, Ливерпул во 1970-тите или 1980-тите или Јунајтед со Сер Алекс Фергусон, кој трошеше повеќе пари? Да не беше Норич? Да не трошеше Норич повеќе пари во тој период? Или другите тимови? Лестер? Не, дефинитивно. Но, парите од нив се поинакви од парите од нас. Кога ќе ставиме на дресовите ‘Етихад’, луѓето велат, ах, тие платија премногу. Но, кога Ливерпул и Јунајтед можеби добиваат повеќе од нас, тогаш тие го заслужуваат тоа, бидејќи работат напорно, бидејќи директорот добро преговарал… Не можеме да ја смениме перцепцијта, тоа е реалност. Можеме да го кажеме нашето само на теренот“, вели Гвардиола.