Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Џорџинио Вајналдум, е изоставен од составот на репрезентацијата на Холандија поради малата минутажа во клубот. 31-годишниот играч од средниот ред е единственото големо име кое недостасува на поширокиот состав на „лалињата“ пред почетокот на натпреварите од Лигата на нации.
Селекторот Луј ван Гал ги објави имињата на вкупно 30 играчи кои ќе имаат шанса да настапат на натпреварите во јуни.
Лани Вајналдум беше капитен на Холандија во отсуство на Вирџил ван Дајк.
„Од март, кога беа последните меѓународни натпревари, ситуацијата со него е многу променета. Принуден сум да вклучам и други играчи. Беше тешко и болно да го направам тоа“, изјави Луј ван Гал за официјалната веб-страница на Холандската фудбалска федерација.
Во составот на Холандија и овојпат се ѕвездите Дејви Класен, Вирџил ван Дајк, Матијс де Лихт, Стивен Бергвајн, Френки де Јонг, Мемфис Депај и Лук де Јонг, а изненадувачки повик доби Винсент Јансен, кој игра за Мексико Монтереј.