Поранешниот газда на Челси, Роман Абрамович може многу бргу да се врати во светот на фудбалот, со потенцијална инвестиција во Спартак Москва преку компанијата за челик и рударство „Евраз“, во која Русинот има акции, тврдат локалните медиуми.
Абрамович го продаде премиерлигашот Челси минатиот месец на американските инвеститори предводени од Тод Бели, ставајќи крај на успешната нова ера на клубот која траеше 19 години откако беше под санкции на британската влада поради неговата блискост со рускиот претседател Владимир Путин.
Сега според рускиот „РБ спорт“, Абрамович е заинтересиран за купување на најтрофејниот руски клуб, кој сега е во сопственост на бизнисменот Леонид Федун, еден од ко-основачите на гигантот „Лукоил“. 66-годишниот Федун оваа недела се повлече од позицијата потпретседател на „Лукоил“, иако вети дека тоа нема да влијае на неговата улога во Спартак.
Ова не е првпат Абрамович да се поврзува со други клубови – претходно се тврдеше дека ќе го преземе турскиот Гозтепе и шпанскиот гигант Валенсија, пред неговите претставници да ги демантираат шпекулациите. Исто така, во Русија сметаат дека купувањето на Спартак нема да се случи поради блиското пријателство на Абрамович со Евгениј гинер, претседателот на лутите ривали на Спартак, ЦСКА Москва. Абрамович го спонзорираше ЦСКА Москва преку неговата поранешна компанија „Сибнефт“.