Поранешниот премиерлигашки судија, Англичанецот Марк Клатенбург си заминал од својата позиција како шеф на судиската комисија во египетскиот фудбал, откако наводно добил закани од навивачите и лични напади од официјалните лица на неколку клубови. Клатенбург беше на позицијата од минатиот август, добивајќи 35.000 долари месечна плата.
Мортада Мансур, претседателот на спортскиот клуб Замалек, 14-кратните египетски шампиони, во ТВ настап го обвини Клатенбург за корупција, опишувајќи го како „поткупен“ човек и обвинувајќи го дека е во хомосексуална врска, иако тој е оженет повеќе години. Покрај ова, адвокатот Халед Абу Бакр побара египетското обвинителство да покрене случај против Клатенбург, по што 47-годишниот Клатенбург се вратил во Англија.
Египетскиот фудбалски сојуз потврди дека Клатенбург си дал оставка, но посочија дека тоа мора да биде одобрено од федерацијата.