Катарската групација која го претставува шеикот Јасим бин Хамад ал Тани, ја доставила втора понуда за купување на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, објавија медиумите на Островот. Претставниците од Блискиот Исток и понатаму се уверени дека се фаворити и нивната понуда е најдобра за купување на клубот.
Се претпоставува дека се работи за понуда вредна околу 5 милијарди фунти и е слична на понудата на британскиот милијардер, сер Џим Ретклиф. Тој го поднесе својот предлог во четвртокот вечерта.
Катарските претставници уште во средата беа подготвени со својата понуда, но решија да го одложат испраќањето откако беа информирани дека британскиот милијардер побарал повеќе време за одлука.
Се очекува инвестициската банка „Раин“ да ги разгледа понудите и наредната недела да комуницира со потенцијалните купувачи за следните чекори. Според медиумите на Островот, дојдени се и неколку други понуди со предлози за малцински удел во клубот, што би бим овозможило на сопствениците од семејството Глејзер да извршат реконструкција на „Олд Трафорд“ или изградба на нов стадион, а притоа да ја задржат целокупната контрола на клубот.