Италија официјално поднесе кандидатура за домаќин на Европското првенство во 2032 година, објави Европската фудбалска организација (УЕФА).
Италијанците, кои се актуелни шампиони на Европа, најавија дека турнирот, доколку биде прифатена нивната кандидатура, ќе се одржи на стадионите во Милано, Торино, Верона, Џенова, Болоња, Фиренца, Рим, Неапол, Бари и Калјари. Тоа значи и дека повеќето од овие стадиони ќе претрпат сериозна реконструкција, бидејќи во моментов не ги исполнуваат сите критериуми.
„Ги замисливме Италија и европскиот фудбал за десет години, знаејќи дека позитивното наследство од таков настан ќе ги умножи извонредните можности за целата нација“, изјави Габриеле Гравина, претседател на Италијанската фудбалска асоцијација.
Турција исто така достави понуда за домаќин на ЕВРО 2028 или ЕВРО 2032 година, а тоа шести последовен обид да биде домаќин на натпреварувањето.
Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска и Република Ирска поднеле заедничка понуда за организација на ЕВРО 2028 година.
УЕФА накратко објави дека ќе направи проценка на секоја понуда во наредните месеци, а Извршниот комитет ќе гласа за домаќинствата на двете натпреварувања во октомври.