Борна Чориќ и Марин Чилиќ не им дозволија ниту еден сет на своите противници за Хрватска да поведе со 2:0 во финалето на Дејвис купот на преуредениот фудбалски стадион „Пјер Моро“ во Лил, за шок на Французите.
Чориќ прв го најави сензационалното водство откако со 6:2/7:5/6:4 го совлада Жереми Шарди, за потоа поранешниот шампион од САД опен, Чилиќ со 6:3/7:5/6:4 да биде подобар од францускиот број 1, Жо-Вилфрид Цонга, со што на Хрватска и недостасува само уште една победа до втора титула во најстарото тимско натпреварување во тенисот.
Хрватска веќе славеше еднаш, со славната генерација Љубичиќ-Иванишевиќ, кога во 2005 година ја совладаа Словачка на гости, а во финалето во 2015 година, кога на домашен терен загубија од Аргентина предводена од Хуан Мартин дел Потро.
Ова е последното издание на Дејвис купот во овој формат, бидејќи од следната година почнува „експериментот“ предводен од Интернационалната тениска федерација (ИТФ) и фудбалерот на Барселона, Жерард Пике, со финале на Дејвис купот „копирано“ од Светското првенство во фудбал, кое предизвика многу несогласувања кај тенисерите, предводени од Роџер Федерер.
Фото: ЕПА