УЕФА го прати тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне на „дисциплинска“ по инцидентот во текот на победата од 2:0 над Јувентус во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите, кога Аргентинецот сакаше да покаже дека неговиот тим има „мадиња“.
УЕФА не потврди за кој инцидент е обвинет Симеоне, но секако се работи за гестот при прославата на првиот гол, кога тој се фати за мадињата и ги покажа кон навивачите, за што по мечот изјави дека е само да се покаже дека имаме „кохонес“.
„Диего Коста и Коке играа иако беа повредени со месеци и за тоа треба да имаш јајца. Го направив тоа како фудбалер за Лацио и сега уште еднаш за да покажам на нашите навивачи дека имаме ’кохонес’. Не беше насочено кон противниците, туку кон нашите фанови. Гестот не е убав, ќе признаам, но имаше потреба да го направам тоа“, изјави тогаш Симеоне.
УЕФА исто така ги обвини Атлетико за блокирање на скалите на стадионот „Ванда метрополитано“ и за фрлање објекти на теренот, додека Јувентус ќе одговараат за предоцно излегување на теренот.