Фернандо Алонсо го критикуваше својот поранешен клупски колега, Луис Хамилтон за неговите последни постови на социјалните мрежи кои се однесуваат на екологијата и неговото веганство.
Иако веќе овој викенд може да ја освои светската титула број 6 во Мексико Сити, Хамилтон минатата недела предизвика мала бура на реакции откако изјави дека е подготвен „да се откаже од сè“ бидејќи на луѓето едноставно не им е грижа за околината. Тој додаде дека станувањето веган е „единствен начин за вистински да се спаси планетата“.
Ова не наиде на добра реакција на пензионираниот двократен светски шампион Алонсо, кој му беше колега на Хамилтон во една бурна сезона во Мекларен.
„Јас мислам дека моите навики за јадење ќе си ги заддржам за себе. Никогаш не би поставил порака како Луис. Не можеш еден ден да кажуваш такво нешто, а следниот да правиш нешто сосема спротивно. Сите го знаеме животниот стил на Луис и фактот дека Ф1 возач годишно се вози со над 200 авиони. Не можеш да го правиш тоа, а потоа да велиш: ’Не јадете месо!’“, вели Алонсо.
Шпанецот сакаше да покаже дека треба да се работи со факти, откако зборуваше на презентацијата на новата едиција на неговата модна линија „Кимоа“, од која цел профит ќе оди во добротворна организација за помош за загадувањето на океаните.