Top Sport

Ф1 се дистанцираше од Еклстоун по неговата изјава дека би „примил куршум“ за Путин

Формула 1 шампионатот официјално се дистанцираше од поранешниот шеф, Берни Еклстоун по неговото контроверзно интервју во кое изјави дека би „примил куршум“ за неговиот близок пријател, рускиот претседател, Владимир Путин.

„Коментарите кои ги направи Берни Еклстоун се негови лични ставови и се во целосна спротивност со позицијата на модерните вредности на спортот“, велат од Ф1.

91-годишниот Еклстоун, кој и во минатото го опишуваше Путин како пријател, сега во интервју за „ИТВ“, вели дека целосно го поддржува рускиот претседател.

„Уште би примил куршум за него. Повеќе би сакал да не болело, но ако мора, тогаш би примил куршум. Зошто? Бидејќи тој е првокласна личност. И тоа што го прави е тоа што верува дека е вистинското за Русија. Конфликтот во Украина е грешка, но понекогаш правиш грешки и бараш излез од нив. Другата личност во Украина, чија професија како што разбирам е комедијата, треба да продолжи со таа професија, бидејќи мора да разговара со господинот Путин, кој е разумна личност и кој ќе го сослушаше“, изјави Еклстоун.

Кога презентерот Бен Шепард го посочи дека не може да ја оправда смртта на илјадници невини Украинци и руски војници, Еклстоун не се поколеба.

„Тоа не е намерно. Видете колку пати Америка влезе во други земји кои немаа врска со Америка. Во Америка тоа е нивна работа, биддејќи сакаат војни за да продаваат многу оружје“, додава Еклстоун.

Путин и Еклстоун станаа пријатели по додавањето на Руското ГП во Сочи во 2014 година, каде што честопати беше негов гостин.

Scroll to Top