Формула 1 возачите јасно се побунија против идејата од следната сезона да има драстични промени во квалификациите, односно наместо сегашниот формат да има саботна спринт-трка која ќе го одредува стартот на неделните трки.
„Либерти медија“ и ФИА во Сингапур им ја презентираа најновата идеја за промени во системот на натпреварувања, така што во сабота би се оддржувала спринтерска трка во обратен распоред од пласманот во шампионатот.
„Тоа е дел од разговорите за подобрување на спортот и правењето на акцијата поатрактивна за гледачите. Секогаш ќе разгледуваме нови идеи, но уште не е донесена одлука“, изјави претседателот на ФИА, Жан Тод за „Л’Екип“.
На повеќе врвни Ф1 возачи воопшто не им се допаѓа ова.
„Луѓето кои ги прават овие предлози навистина не знаат за што зборуваат. Смешно“, изјави светскиот шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон.
Со него се согласува и главниот ривал Себастијан Фетел во Ферари.
„За мене, тоа е комплетно срање. Не знам кој гениј го измислил ова решение. Ако сакате да ги подобрите работите, треба да имаме потесно тркање“, вели Фетел.
Макс Ферстапен беше краток: „Мислам дека се работи за глупава идеја“, додека Александер Албон од Ред бул прокоментира: „Мислам дека е на Вилијамс им се допаѓа идејата“.