Светскиот шампион на Мерцедес, Луис Хамилтон двапати се сретнал со претседателот на Ферари, Џон Елкан во текот на 2019 година, тврди италијанскиот спортски весник „Ла газета дело спорт“.
Ова „откритие“ доаѓа еден ден откако шефот на тимот, Матија Биното изјави дека е „среќен“ што возач како Хамилтон е слободен по 2020 година, кога му завршува договорот со Мерцедес. Шпекулациите велат дека Хамилтон сака да биде во црвениот болид пред да ја заврши кариерата, а бидејќи и договорот на Себастијан Фетел завршува во 2020, можна е соработка за две години.
„Имаше два состаноци помеѓу Џон Елкан и самиот Хамилтон во 2019. Елкан е голем фан на Хамилтон, исто како и потпретседателот на Ферари, Пјеро Ферари, кој е во Абу Даби овој викенд. Ова е врска која чека да се започне повеќе години. Од времето на Стефано ди Монтеѕемоло и Стефано Доменикали, интересот за Англичанецот секогаш бил константа во Ферари“, тврди „Газета“.
Хамилтон од друга страна е почитувач на историјата на Ферари, за приказните за Енцо Ферари, и тој веќе е сопственик на неколку автомобили од славната италијанска фабрика. Според „Газета“, тешко е да се верува дека Фетел ќе добие продолжение на договорот посебно по конфликтите со колегата Шарл Леклер, кој има договор до 2022 година.