Големата награда на Монако ќе се вози во Формула 1 шампионатот до 2025 година, соопштија организаторите.
„Среќен сум што можам да потврдам дека ќе се тркаме во Монако до 2025 година и со нетрпение очекуваме да се вратиме на улиците на познатото кнежевство на 28 мај следната година“, рече претседателот и извршен директор на Формула 1, Стефано Доменикали.
Трката околу познатите улици на Монте Карло е важен дел од Формула 1 шампионатот од неговото основање во 1950 година, место кое нуди уникатен предизвик за возачите и средина која им е позната на навивачите ширум светот.
Формула 1 го објави натпреварувачкиот календар за следната година со рекордни 24 трки. Трката во Монако ќе биде осма во сезоната 2023 и ќе се одржи на 28 мај.