Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, вчера во попладневните часови бил примен во болницата „Жорж Помпиду“ во Париз, поради медицински зафат чии детали се уште не се официјално откриени, пишува „Ле Парисиен“.

Шумахер неодамна наполни 50 години, а јавноста нема конкретни за неговата здравствена состојба веќе пет години, кога на скијање во француските Алпи се здобил со тешки повреди на главата, поради што седум месеци беше во вештачка кома.

Не наведувајќи ги своите извори „Ла Парисиен“ информира дека Шумахер бил сместен на одделението за кардиохирургија и за неговото здравје ќе се грижел водечкиот француски кардиохирург Филип Менаше.

Овој 69 годишен хирург бил пионер во лечењето на срцеви проблеми со матични клетки. Во 2014 година Менаше, прв во светот, извршил трансплантација на ембрионални матични клетки кај пациент со срцево заболување.

Се претпоставува дека Шумахер имал слични проблеми и дека од болницата во својот дом ќе биде префрлен во среда.

Според истиот извор ова е трет пат Шумахер да се наоѓа во болницата „Жорж Помпиду“. Првите два пати во болницата бил минатата пролет.

Два пати тој од Швајцарија во Париз бил префрлен со хеликоптер.

Шумахер како возач на Мерцедес ја заврши кариерата во 2012 одина. Најдобрите години тој ги имаше во Ферари во периодот од 1996 до 2006 година кога пет пати стана светски првак. Две титули има и со Бенетон во 1994 и 1995 година.

Шумахер е се уште рекордер според бројот на титулите (седум) и остварените победи во Формула 1 (91).

Ле Парисиен: Шумахер префрлен во болница во Париз