Иако својот фудбалски „леб“ го заработува токму во Англија, данскиот голман Каспер Шмајхел ги испровоцира Англичаните пред утрешното полуфинале од ЕУРО 2020, посочувајќи го недостатокот на трофеи на „трите лава“.
Англија ќе се обиде да стигне до своето прво финале на Европските првенства во среда на „Вембли“, додека Данска ќе се обиде да го повтори успехот од 1992, кога предводени од таткото на Шмајхел, Петер Шмајхел станаа изненадувачки европски шампиони.
Помладиот Шмајхел на „мета“ ја фати англиската фудбалска химна „Фудбалот се враќа дома“, која стана популарна на ЕУРО 1996, со порака: „Дали некогаш навистина бил дома?“ кога беше запрашан што ќе значи за Данците да го спречат ова враќање дома.
„Дали некогаш бил дома? Не знам. Дали некогаш сте го освоиле? Во 1966? Нели тоа беше Светско првенство. Да бидам искрен, не сум размислувал многу што ќе значи да ја сопреме Англија. Повеќе ме интересира што ќе значи тоа за Данска. Малку размислувам за англиската репрезентација. Да се израдуваат 5-те милиони дома, за тоа се бориме. Без многу емоции кон Англија“, вели Шмајхел.