Top Sport

Аргентина се „крена“ на првото место, Полска пред Мексико поради гол-разлика!

Иако на Лео Меси му одбранија „сомнителен“ пенал, Аргентина го освои првото место во групата Ц, откако Алексис Мек Алистер и Хулијан Алварез ги постигнаа своите први голови во националниот дрес за 2:0 победа над Полска, која пак, успеа да се „протне“ во осминафиналето откако Саудиска Арабија во финишот на мечот постигна гол за Мексико да се задоволи со 2:1 победа над азискиот ривал и да испаднат поради гол-разлика.

Аргентинците знаеја дека единствен сигурен пласман им е со победа над Полска, и тргнаа силно од почетокот, со далеку повеќе шанси и целосна контрола на играта. Сепак, првата вистинска шанса за гол ја имаа во 39. минута, кога беше досуден бизарен пенал против Полјаците бидејќи голманот Војчех Шчесни со рака го „закачи“ Меси при воздушен удар. Сепак, до предноста не дојдоа, откако обидот на Меси брилијантно го одбрани Шчесни, кому ова му е втор одбранет пенал на Мундијалот. Во второто полувреме, пак, на сцена дојде опасноста од неочекувано место – фудбалерот од средниот ред на Брајтон со „неаргентинско“ име, Алексис Мек Алистер веднаш на стартот им донесе предност на „албиселесте“. Во 68. минута, младиот напаѓач на Манчестер сити, Хулијан Алварез исто така го доби својот првенец во националниот дрес.

На мечот Мексико-Саудиска Арабија беше исто толку неизвесно. По првото полувреме во кое немаше голови, Мексиканците експресно дојдоа до водство со голот на Хенри Мартин во 47. минута, пред Луис Чавез да постигне прекрасен гол од слободен удар само пет минути подоцна. На Мексиканците потоа им беа поништени два гола поради офсајд, и до крајот на мечот не успеаја да стигнат до гол кој ќе значеше осминафинале и покрај тоа што мечот го завршија со над 20 удари на голот, пред Салем Ал-Давсари во 95. минута да намали на 2:1.

Аргентина во осминафиналето игра со Австралија, додека Полјаците налетуваат на Франција.

ГРУПА Ц
Мексико – Саудиска Арабија 2:1
Полска – Аргентина 0:2

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top