Поранешниот македонски репрезентативец Дарко Тасевски, кој игра во Бугарија во тимот на Славија Софија, им одговори на бугарските медиуми дека е Македонец, не се чувствува како Бугарија иако има државјанство и е оженет со Бугарка. Тој во интервју за бугарскиот портал „Блиц Спорт“ посочи дека никој не може да му го одземе чувството дека е Македонец.
„Не се чувствувам Бугарин, јас сум Македонец! И тоа никој не може да ми го одземе, роден сум таму. Јас ја чувствувам љубовта на луѓето тука, ги уважувам сите и секогаш сум мислел дека можам да бидам врска меѓу двата народи. Имав многу покани од политичари, ме канеа да им помагам во затоплувањето на односите, но не сакам да навлезам во такви работи. Ме канеа политичари и од двете страни, и од Бугарија и од Македонија. Но, токму тие се виновни за залагадувањето на односите, затоа што до пред три-четири години немаше таков голем проблем меѓу двата народи“, изјави Дарко Тасевски.
Тој по завршување на оваа сезона ќе стави крај на кариерата. Своевремено беше македонски репрезентативец, кариерата ја почна во Вардар, а играше и во Украина, Бугарија, Израел и на Тајланд.