Top Sport

ФИФА го одби барањето на Зеленски да испрати порака за мир на финалето на СП

ФИФА го одби барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да испрати порака до гледачите за важноста на мирот во светот пред почетокот на финалето на Светското првенство в недела.

Неименуван извор изјави за „Си-Ен-Ен“ дека канцеларијата на Зеленски понудила украинскиот претседател да им се обрати на навивачите во Катар преку видео-врска, но дека предлогот бил одбиен. Засега не се знае дали пораката на Зеленски требало да се емитува во живо или порано да се снима.

„Мислевме дека ФИФА сака да ја искористи својата платформа за поголемо добро. Но, треба да се забележи дека разговорите меѓу Украина и управното тело на ФИФА се уште се во тек“, додаде изворот.

Ова малку необично барање не е изненадувачки во однос на украинската политика. Киев постојано се обидува да ги искористи големите светски настани, без разлика на нивната содржина, за да го привлече вниманието на војната во Украина.

Зеленски се појави преку видео врска во неколку различни ситуации; од самитот на Г-20 до Греми и Канскиот филмски фестивал. Тој исто така разговараше со голем број новинари и познати личности, вклучувајќи ги и Шон Пен и Дејвид Летерман.

Scroll to Top