Top Sport

Успешна генералка пред СП – Хрватска ја победи Саудиска Арабија

Хрватска ја совладаа Саудиска Арабија со 1:0, во генералната проба за Светското првенство кое во недела ќе започне во Катар.

Стрелец на единствениот гол на средбата во Ријад беше Андреј Краматиќ на асистенција на Лука Модриќ, во 82. минута од натпреварот.

Иако оправдување може да биде тоа што хрватската селекција штотуку се собра, мора да се признае дека светскиот вицепрвак, разочара против една од најслабите селекции што ќе игра на Мундијалот.

Саудијците беа многу поконкретни во нападот, имаа 13 удари, пет повеќе од Хрватите, но избраниците на Златко Далиќ искористија еден од само двата удари во рамките на голот.

Претходно, домашните лесно можеа да поведат во средишницата на вториот дел, најпрвин Ал Давсари промаши еден на еден удар со голманот Ливаковиќ, а потоа Кана по грешка на противничките играчи ја погоди стативата.

Хрватите пропуштија две прилики на почетокот на вториот дел преку Брозовиќ и Оршиќ кои беа непрецизни од ветувачки позиции, додека во првиот дел од натпреварот домашните фудбалери пропуштија три шанси, две преку Ал Бураикан и една преку Ал Сехри.

Хрватска на Мундијалот ќе игра во групата Ф против Мароко (23. ноември), Канада и Белгија.

Scroll to Top