Селекцијата на Аргентина на која обложувалниците, заедно со Бразил, и даваат најголеми шанси за титулата, кампањата на Светското првенство во 2022 година ја отвора со натпреварот против Саудиска Арабија од групата Ц. Натпреварот на стадионот „Лусаил“ е прв на денешната програма од 11 часот. Останатите ривали во групата се Мексико и Полска.
Сè што е помалку од победа за Јужноамериканците ќе се смета за сензација. Со Лионел Меси во своите редови, „гаучосите“ почнуваат со идеја барем да стигнат до финалето, каде последен пат беа во 2014 година, кога загубија од Германија. Претходно, Аргентинците ја загубија и средбата за трофејот во 1990 година, поради што не биле на светскиот трон цели 36 години.
Многу се зборуваше и пишуваше за тоа дека Светското првенство е последно во кариерата на Лео. Тоа го потврди и самиот на прес-конференцијата пред денешниот меч, истакнувајќи дека ова за него е последната шанса за остварување на сонот.
Ќе има помош од Лаутаро Мартинез, Леандро Паредес, Анхел Ди Марија, Пауло Дибала, Лисандро Мартинез и останатите ѕвезди од тимот на „албиселесте“.
Саудиска Арабија влегува во своето шесто Светско првенство, сите од 1994 година. Сепак, селекцијата нема освоено трофеј од далечната 2005 година, кога го крена пехарот од Игрите на исламската солидарност.
Селектор на тимот веќе трета година е Французинот Ерве Ренар, кој на претходниот светски шампионат беше на чело на Мароко. Саудиска Арабија е втората репрезентација заедно со домаќинот, во која сите играчи се од домашната лига.