Top Sport

Навивачот што влета на терен со порака „Почит за жените во Иран“ е фудбалер

На натпреварот меѓу Португалија и Уругвај (2:0) во второто коло на Мундијалот дојде до прекин во 51. минута. За првпат на ова Светско првенство навивач истрча на теренот и реши да испрати две силни политички пораки. Станува збор за италијанскиот фудбалер Марио Фери (35).

dobivaj vesti na viber

Фери моментно е играч на италијанскиот нисколигаш Кастел ди Сангро, а на почетокот на оваа сезона беше играч на Тре Фиори од Сан Марино. Потоа се појави во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА против Фола Еш. Фери е десно крило и во кариерата играше за клубови од Сан Марино и Јордан, а беше и во Сејшелите и во Индија.

Носеше маица „Почит за жените во Иран“, изразувајќи ја својата поддршка за протестите низ азиската земја против угнетувањето на жените и нивното отстранување од јавниот живот. Покрај тоа, во раката носеше знаме со виножито. ЛГБТК+ популацијата и нивните права се голема тема на Светското првенство во Катар.

Прекарот на Фери е Ил Фалко (Соколот) и ова не е првпат да прекине натпревар. Фери истрча на теренот пред 12 години на Светското првенство во Јужна Африка, за време на полуфиналниот натпревар меѓу Германија и Шпанија. Во 2009 година, Фери упадна на теренот на натпреварот меѓу Италија и Холандија со порака до селекторот Марчело Липи да го повика Антонио Касано за Светското првенство.

Касано не беше повикан, Италија испадна, а Фери на натпреварот меѓу Германија и Шпанија налета со порака: „Липи, ти кажав?
Тој прекина и некои други натпревари, како оној на Светското првенство во Бразил 2014 година кога го прекина мечот меѓу Белгија и САД со порака „Спасете ги децата во фавелите“.

За своите испади добиваше симболични казни, а португалскиот играч за врска Рубен Невеш јавно застана во негова одбрана.

„Сите сме со него и ги поддржуваме пораките кои ги испрати. Се надевам дека нема да му се случи ништо лошо поради тоа. Сите добро разбравме што сака да каже”, изјави Невеш.

Scroll to Top