Тренерот на Пари Сен-Жермен, Маурисио Почетино вели дека Лео Меси бил заменет на полувреме од петочното дерби со Лил како мерка за „претпазливост“, откако Аргентинецот уште го чека својот прв гол во француската Лига 1.
ПСЖ губеа со 0:1 од актуелниот шампион Лил, кога на полувреме Меси беше заменет со Мауро Икарди, пред домаќините да направат пресврт во последните петнаесетина минути со головите на Маркињос и Анхел ди Марија за 2:1 победа.
„Мораме да почекаме и да зборуваме со лекарите. Моравме да бидеме претпазливи. Тој можеше да продолжи, но имаше мал проблем. Мислам дека ќе биде достапен за следниот натпревар“, вели Почетино.
На прашање дали Икарди му „лежи“ на тимот подобро од Меси, Почетино даде интересен одговор.
„Не верувам дека тоа беше проблемот во првото полувреме, туку тоа што Лил многу добро не познаваат. Не бевме доволно добри со доставувањето топки во нападот и затоа не ја контролиравме играта. Но, не верувам дека еден играч или позицијата на која игра беше одлучувачка“, вели Почетино.
34-годишниот Меси сега има пет меча во Лига 1 без постигнат гол, и досега има дадено само три гола за клубот, и тоа во Лигата на шампионите – два при победата над РБ Лајпциг и еден против Манчестер сити.