Top Sport

Рибус исфрлен од полската репрезентацијата бидејќи потпишал за руски клуб

Трансферот на Мациеј Рибус во Спартак Москва значеше крај на неговата репрезентативна кариера, откако Полската фудбалска федерација (ПЗПН) потврди дека селекторот Чеслав Михниевич го исфрли ветеранот од националната селекција пред Светското првенство во Катар.

32-годишниот Рибус и досега играше во Русија, откако од 2017 до 2022 беше во Локомотив Москва, пред овој месец да потпише како слободен фудбалер за Спартак. Рибус досега имаше 66 настапи за Полска.

„Селекторот на репрезентацијата, Чеслав Михневич зборуваше со Мациеј Рибус, кој во моментов е во Полска по крајот на тренинг-кампот минатата недела. Селекторот го информираше фудбалерот дека поради ситуацијата со неговиот клуб, нема да биде повикан на тренинг-кампот во септември и нема да биде земен во предвид за изборот за селекцијта за Светското првенство во Катар“, се вели во соопштението на ПЗПН.

Агентот на Рибус, Мариуш Пиекарски, претходно објасни дека Рибус се плашел со своето семејство да се врати во Полска, бидејќи е оженет со Русинка и неговите два сина имаат руско државјанство и ќе биле предмет на насилничко однесување во татковината.

„Го знаеме односот на Полјаците кон Русија, но не мора да објаснувам, доволно е да се види што се случува на социјалните медиуми. Ако Мациеј се вратеше во Полска и ги однесеше своите деца во градинка или училиште, сигурно немаше добро да си поминат. Во Русија неговото семејство е безбедно“, изјави Пиекарски.

Сонародниците на Рибус, Гжегож Криховијак и Себастијан Шимански, кои играа во Русија, но направија трансфери во други клубови, се дел од репрезентацијата.

Scroll to Top