Селекторот на Камерун, Ригоберт Сонг, изјави дека може да биде задоволен од ремито (3:3) против Србија и додаде дека има верба во играчите во пресрет на натпреварот од последното коло против Бразил.
„Не дојдовме на Светското првенство за да позираме или само да учествуваме. Веруваме дека Камерун сè уште има што да каже, иако знаеме дека Бразил е голем тим“, изјави тој.
Непосредно пред мечот со Србија, голманот на Интер, Андре Онана, беше исфрлен од тимот, а Сонг потенцира дека секогаш му дава предност на тимот пред поединецот.
„Потребна е одредена дисциплина во групата и кога некој ‘скока’ треба да ја преземе одговорноста по тие дисциплински критериуми и да постапи така што и дава приоритет на групата, а не на поединци“, рече Сонг.
Селекторот на Камерун додаде дека му рекол на Онана да почека, но тој заминал за Милано.
„Ќе имаме шанса да видиме дали ќе може да продолжи. Тоа ќе зависи и од него и тој исто така треба да се врати на правилата, ќе видиме дали тоа е можно“, заклучи Сонг.
Во последното коло на 2. декември, Србија ќе игра со Швајцарија, а Камерун со Бразил од 20 часот.