Top Sport

Шпанците со закон ќе спречуваат да им се случи нов „Пике-скандал“

Бизнис-одлуките на Жерард Пике ќе предизвикаат воведување на нови правила во шпанскиот фудбал, по контроверзите по кои Шпанскиот суперкуп се играше во Саудиска Арабија.

Во април, 35-годишниот дефанзивец на Барселона беше под лупата на јавноста откако беше обвинет дека добил милионска исплата за „селење“ на Суперкупот на Блискиот Исток. Неговата компанија „Космос“ била посредник на договорот помеѓу Саудијците и Луис Рубијалес, контроверзниот претседател на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ). Во разговорот кој го објави весникот „Ел конфиденсијал“ се тврди дека компанијата на Пике заработила 24 милиони евра за договорањето на шестгодишниот договор, а бидејќи нема трансфер на пари помеѓу Рубијалес и Пике, кој бил платен од Саудиска Арабија договорот бил легален.

Според „АС“, во новиот спортски закон кој е во изработка во Шпанија ќе се забрани активните фудбалери да имаат комерцијални врски со натпреварувања во кои би можеле да настапуваат. Пике, секако, нема да биде обвинет за ништо, бидејќи работел според постоечките правила, и тој јасно кажува дека не се чувствува виновен.

„Секоја активност беше легална и немаше никаков конфликт на интерес. Горд сум на мојата работа со ‘Космос’, сакавме да го смениме форматот на натпреварувањето и тој да биде поинтересен за гледачите. Саудиска Арабија не беше единствената опција, имаше понуди и од Катар и од САД и тоа беше одлука на федерацијата. Провизијата? Во бизнис-светот тоа е нормално, од 10 до 15 отсто“, вели Пике.

Scroll to Top