Top Sport

Солзите на Роналдо по елиминацијата и како Недвед сакаше да им ги скрши главите

Денеска „Амазон“ ја објави првата епизода од серијата „All or Nothing Juventus“ во која се следи сезоната 2020/21 во вид на документарец, почнувајќи од поставувањето на Андреа Пирло како тренер на „старата дама“, но и од шокантната елиминација од Порто во Лигата на шампионите, и реакциите во Италија се огромни.

Најголемо внимание предизвикува дискусијата на Кристијано Роналдо и Хуан Квадрадо во соблекувалната на полувремето од дуелот од осминафиналето на ЛШ против Порто, кога губат со 1:0, откако првиот меч го загубија со 2:1, и кога Роналдо директно им вели на соиграчите дека се „срање“, по што Квадрадо го предупредува да не зборува така, бидејќи тој треба да е пример за сите.

Јувентус на крајот го доби тој меч во продолженијата со 3:2, но тоа не беше доволно за пласман во четвртфиналето. Документарецот исто така ја покажува и реакцијата на Роналдо по елиминацијата, кога плаче во соблекувалната.

Еден од најинтересните моменти е кога директорот Павел Недвед порачува дека треба да им се „скршат главите“ на фудбалерите по нивната „арогантна“ реакција при поразот од Беневенто.

„Овие се арогантни, испаднаа од Лигата на шампионите, треба да одиме таму и да им ги скршиме главите“, вели Недвед.

Фабио Паратичи, директорот кој сега замина во Торино инсистира дека фудбалерите не се единствени виновни, но Недведв вика: „Не, само тие се , тие“. Во исто време претседателот на клубот Андреа Ањели и тренерот Андреа Пирло ја гледаат расправијата.

Scroll to Top