По контроверзните случки пред стартот на мечот, кога кошаркарите на Будуќност беа нападнати на загревањето, „мајсторката“ од финалето на АБА лигата не донесе големи возбудувања, откако Црвена звезда од почеток до крај доминираше над црногорскиот тим за 97:54 (18:13, 29:8, 27:16, 20:15) победа и трофеј од регионалното натпреварување и место во елитната Евролига следната сезона.
Малку недостасуваше натпревар воопшто да нема во „Пионир“ во Белград откако гостите ги пречекаа на скандалозен начин – навивачите на Звезда влетаа на теренот на загревањето и ги нападнаа кошаркарите, кои потоа излегоа во соблекувалните и 45 минути се чекаше публиката да се смири.
Ова не беше единствен инцидент во финалната серија, откако и во Подгорица гледавме грди сцени на навредување на гостинските кошаркари и директни закани кон нив додека тие се загреваа.
Кога мечот конечно започна, домашните кошаркари доминираа од стартот до финишот на мечот, зголемувајќи ја предноста и не давајќи шанса на Будуќност да се врати во игра. Инаку, лани, Будуќност ја доби Звезда во 5 меча во финалето и ја освои титулата и оваа година имаше забележителен настап во Евролигата.
Хаос во Белград! Неизвесен стартот на „мајсторката“ на АБА-финалето (видео)