Мајами хит и Денвер нагетс вечерва ќе се судрат во НБА лигата во првиот меѓусебе меч по конфликтот меѓу Никола Јокиќ и Маркиф Морис и ветеранот на Мајами, Удонис Хаслем порачува дека браќата на српскиот кошаркар не треба да бидат во арената по најавите за нови конфликти.
Јокиќ одговори на провокациите од Морис со „ефтин“ удар одзади на мечот на 8 ноември, што предизвика тепачка, а двајцата браќа на актуелниот МВП на лигата го предупредија Морис и неговиот брат-близнак Маркус на социјалните мрежи.
„Треба да ја оставиш работата каква што е наместо јавно да се закануваш на нашиот брат. Твојот брат прв валкано играше. Ако сакаш да направиш чекор напред, ние ќе те чекаме. Браќа Јокиќ“, се велеше во твитот на браќата, кој потоа беше избришан.
Браќата на Јокиќ, Немања (кој е поранешен кикбоксер) и Страхиња, според шпекулациите купиле билети за вечерашниот натпревар и Хаслем ги предупреди дека Мајами е „негов брат“.
„Немам ништо со тоа човеку, ние ќе играме кошарка. Тоа е готово. Слушам дека браќата Јокиќ купиле билети за мечот. Подобро нека седат мирни и нека не прават проблеми. Мајами е мој град. Мој град. Зошто по ѓаволите купувале билети? За да направат што? Не почнувајте ништо, нема да има ништо. Дојдете да уживате во кошарка и одете си дома. Никој не се закача со вашиот брат, играме кошарка“, вели Хаслам за „Мајами хералд“.
Иронично, Маркиф Морис нема играно по инцидентот, додека Јокиќ исто така влече повреда, така што е можно двајцата да не бидат на паркетот.