На Новак Ѓоковиќ му „врие крвта во вените“ откако го виде Рафаел Надал како стигна до 21. гренд слем титула пред него со трофејот од Австралија опен, тврди италијанскиот тенисер Фабио Фоњини.
Пред новата сезона, српскиот светски број 1 беше апсолутен фаворит на Австралија опен, каде што имаше освоено девет титули, но во драмата на почетокот на годината, властите му ја поништија визата, и не помогна долгиот легален обид на Србинот да настапи на турнирот и тој беше депортиран. Од друга страна Надал беше аутсајдер бидејќи имаше серија повреди и долга пауза, но на крајот тој го совлада Данил Медведев по повеќе од пет часа тенис за историски успех.
Уште полошо за Ѓоковиќ, следниот гренд слем е Ролан Гарос, каде што Надал секако ќе биде фаворит за титулата. Фоњини вели дека Србинот е бесен.
„Бидејќи го познавам, мислам дека му врие крвта во вените. Од една страна, сигурно е среќен, бидејќи има предизвик пред него и тоа ќе го мотивира. Сигурно си помислил: ‘Супер што победи, ќе се видиме во Париз’. Новак е многу конкурентен човек и го покажа тоа во годините. Но, кој вели дека Рафа нема да стигне до бројот 22 во Париз?“, вели Фоњини во интервју за „Ла газета дело спорт“.