Австралискиот тенисер Ник Кирјос го повика Рафаел Надал на разговор на Инстаграм во живо во обид да ги надминат несогласувањата кои подолго време траат меѓу двајцата тенисери.
Конфликтот меѓу Кирјос и Надал почна во февруари 2019 година, кога по поразот од Кирјос на Мексиканскиот опен, Шпанецот го обвини ривалот дека нема почит кон никого. Кирјос, кој во мечот постојано се жалеше на повреда, се расправаше со судијата, сервираше „под рака“, пак, го нарече Надал лош губитник.
Потоа, на Вимблдон во 2019 година, Кирјос упати една топка директно во Надал во дуелот од второто коло, додека на Австралија опен во 2020, Надал изјави дека не му се допаѓа играта на Кирјос.
Сега, Австралиецот пружа шанса за втор почеток.
„Рафа ајде да направиме Инстаграм во живо. Јас се согласувам. Рафа, ајде“, напиша Кирјос на Инстаграм.
Засега, Надал не одговори на барањето.