Ветеранот Шенон Бригс инсистира дека тој ќе биде првиот човек со кого Мајк Тајсон ќе влезе во рингот по најавениот кам-бек, објаснувајќи дека има усен договор со „Челичниот“.
48-годишниот Бригс преку Инстаграм тврди дека мечот со Тајсон е „официјален“, иако во текот на викендот се шпекулираше дека е договорен трет меч помеѓу Тајсон и Ивандер Холифилд во Саудиска Арабија веќе во јули.
„Само што зборував со Мајк и тоа ќе се случи, јас и Мајк во рингот. Ќе видите. Браунсвил против Браунсвил. Нашите ракавици ќе зборуваат“, вели Бригс.
Бригс беше еден од најзабавните боксери во тешка категорија, познат по своите луди повици за меч посебно против Виталиј Кличко, но последен пат беше во рингот во 2016 година. Тој тврди дека ќе се работи за добротворен меч.
„Парите се тука, и не можам да кажам нешто повеќе. Се работи за добротворен меч, за егзибиција. Сите го знаеме тоа. Но ќе биде забавно“, изјави Бригс.