Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од актуелниот европски и светски шампион Норвешка со 18:24 во ЕХФ Еврокупот. Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Саздовска со шест, како и Ристовска и Јанеска со по три гола.
Македонија добро парираше три четвртини од натпреварот, но потоа Норвежанките направија серија и го решија мечот во своја корист.
Селекторот Љубомир Савевски вели дека Македонија загубила поради сопствени грешки, но и дека за дуели со моќни ривали како Норвешка потребен е поширок ростер.
„Норвешка е голема мотивација за нашите млади ракометарки, дадоа силен отпор, но во завршницата Норвешка сепак го затвори мечот и стигна до победа. Направивме многу грешки, а противникот тоа знаеше да го искористи. Девојките се бореа, не можам ништо да им замерам, но јасно е дека ни е потребен поширок ростер за да можеме да парираме подобро против вакви ривали“, изјави селектор Савевски по дуелот со Норвешка.
Реваншот ќе се одигра в недела, со почеток во 16 часот, во Норвешка.