Шефовите на Баерн Минхен, лути по ситуацијата со корона вирусот во клубот, решиле тие кои ќе бидат во карантин поради позитивен тест или контакт со заразени лица да не ја добиваат својата плата, што значи дека Џошуа Кимих ќе загуби речиси 800.000 евра, тврди „Билд“.
Кимих се најде во центарот на вниманието последните недели, откако одбива да биде вакциниран, и вторпат мора да оди во изолација поради контакт со позитивно лице, пропуштајќи неколку натпревари. Покрај Кимих, во клубот има уште невакцинирани фудбалери – Серж Гнабри, Џамал Мусијала, Ерик-Максим Чупо-Мотинг и Мишел Кузанс, кои наводно биле повикани на разговори со клубот во четвртокот.
Според „Билд“, генералниот директор на клубот Оливер Кан, претседателот Херберт Хајнер, спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ и финансискиот директор Јан-Кристијан Дресен јасно им кажале дека ако се случи да одат во карантин, тогаш нема да добиваат плата за тој период, нешто што е практика во Баварија од почетокот на ноември.
Кимих, кој има годишна плата од 20 милиони евра, поради двете изолации, ќе загуби околу 768.000 евра.
Покрај финансиските последици, на овие фудбалери исто така им се заканува и изолација од остатокот од тимот, односно би оделе на посебни тренинзи.