Поранешниот шпански голман, Сантијаго Кањизарес демантира дека Пеп Гвардиола не е дел од Ватсап чет-групата на поранешни шпански репрезентативци поради неговата поддршка за независноста на Каталонија, но признава дека менаџерот на Манчестер сити е „радикализиран“.
Во неодамна објавениот документарен филм „ Play it again, Pep“, Гвардиола зборуваше за спротиставените политички ставови со поранешните соиграчи од репрезентацијата, и додаде дека не е во чет-групата со нив. Кањизарес, кој играше со Гвардиола на Олимпијадата во Барселона во 1992 година, кога Шпанија го освои златото вели дека политиката нема врска.
„Мене ми беше чудно што тој не е во групата, и се извинував за тоа бидејќи тој е менаџер на Манчестер сити. Не можам да го поканам во групата, бидејќи не сум администратор, го немам бројот на неговиот мобилен телефон, а тој самиот вели дека не користи Ватсап“, вели Кањизарес.
Кањизарес, кој во кариерата играше за Валенсија и Реал Мадрид, сепак, признава дека не се согласува со Гвардиола околу независноста на Каталонија и додава дека тој влегол во стапицата на „радикализмот“, со што го навредува него и неговиот поранешен соиграч, екснапаѓачот на Реал Бетис, Алфонсо.
„Ако зборуваме за политика, во 1992 година, во Барселона имаше шпански знамиња и можеше да се зборува за политика, така што тој веќе ги кажа своите мисли. Но, сега, политичарите не доведоа во радикализирано општество. Се фатија на јадицата и тој самиот зборуваше за Шпанија како за репресивна земја, и тоа за мене и за Алфонсо, како Шпанци е навредливо. Само тоа му го замерувам. Нека каже дека ја сака Каталонија, нема проблем, но нека каже дека ја сака и Шпанија“, вели Кањизарес, кој додаде дека многу фудбалери, вклучувајќи го и Луис Енрике ја напуштиле групата.
Алфонсо, уште во јуни, го критикуваше Гвардиола за Каталонија.
„Гвардиола е едно од најголемите разочарувања кои сум ги имал во светот на фудбалот. Искусивме многу тешки моменти, како тим, како пријатели, бранејќи го шпанскиот дрес. Ме шокираа неговите изјави бидејќи јас сум горд што сум Шпанец. Тој може да биде супер-професионален тренер или играч, но таквото размислување не му оди на чест“, изјави Алфонсо.